Тантуровски: За еден месец сите анкетните листови ќе бидат во базата на Антикорупциска

од desk2
231 прегледи

За еден месец би можело да се очекува Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) да ги внесе сите анкетните листови за имотната состојба на функционерите чиј мандат заврши и на новите именувани и назначени лица во базата што јавноста може да ја види на нивната веб-страна.

Претседателот на Антикорупциска Игор Тантуровски објаснува дека нивната служба работи секојдневно на внесување на податоци, но истакнува дека треба да се има предвид дека станува збор за голем број анкетни листови и мислења.

– Се работи за една бројка од околу 1.670 лица, значи толкав број разрешени и толкав би требало да биде бројот на именувани лица. Тоа секако е обемна работа имајќи предвид дека овој период во изборниот процес секојдневно работиме на издавање на мислења од државните и јавните институции во Република Македонија, а во секој изборен процес се издаваат приближно три и пол илјади мислења. Можете да замислете колку сме преблокирани со работа, вели Тантуровски во изјава за МИА.

Одреден број анкетни листови, додаде, јавноста веќе може да ги види преку системот односно базата поставена на веб-страната на Комисијата. Засега не може да каже колку функционери ги пробиле роковите за поднесување анкетни листови.

– Ние работиме континуирано на внесување на туѓи податоци што се поднесени кај нас независно дали се дојдени во рокот или по рокот. За оние што се доставени по рокот за тоа се предвидени санкции во Законот за спречување на корупција и тие од наша страна секогаш се почитуваат. Но, во одредениов момент неможам со сигурност да ви кажам бројка на доставени и на недоставени, изјави Тантуровски.

Доколку се утврди дека одредено лице доставило анкетен лист по законскиот рок или воопшто не доставило во законскиот рок после неговото разрешување или откако е именувано на функција, Антикорупциска за сите отвора нови предмети и одлучува, и како што посочува Тантуровски, ја гледа фактичката состојба и врз основа на тоа поднесува до надлежниот суд прекршочна пријава./MIA