Заев: Поддршка за реформите во Македонија на која местото и е во ЕУ и НАТО

од Vladimir Zorba
131 прегледи

 

  Генералниот секретар на ОН, Антинио Гутереш денеска на средба со македонскиот премиер Зоран Заев изрази поддшка за спроведувањето на реформите во Македонија и за решавање на спорот со Грција околу името.

– Гутереш го поддржа мултиетничиот аспект во развојот на Македонија и пријателството што таа го промовира на Балканот. Но, тој е свесен за спорот со името и апелираше за побрзо решавање на овој проблем, кој претставува кочница на Македонија во нејзиниот развој и конкретно за зачленувањето во НАТО и ЕУ, рече Заев во изјава за МИА.

На средбата присуствувал и посредникот на ОН за спорот со името, Метју Нимиц, но во разговорите не биле изнесени предлози за некакви решенија на проблемот.

Премиерот Заев во изјавата нагласи и дека постои голема веројатност дека Русија ќе има забелешки на зачленувањето на Македонија во НАТО, додавајќи дека не очекува тоа да го прави и за нашето членство во ЕУ.

– Македонија се наоѓа на границите на НАТО и во таа смисла од Москва можеби и треба да очекуваме некакви активности против натамошното зачленување во воената алијанса. Но, пријателите во Москва треба да сфатат дека нашето место е во ЕУ и во НАТО и дека ние работиме да испорачаме резултати за да можеме да станеме полноправна членка во овие организации, изјави Заев.

Македонскиот премиер во Њујорк се сретна и со еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан и со високата претставничка за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, при што му било пренесено дека во Брисел веќе е апсолвиран позитивниот аспект за Македонија од промената на власта и важната улога на новата Влада во ставањето крај на политичката криза.

Тој додаде дека новата Влада ревносно ги исполнува сите услови што на Македонија и се поставени од Европската Комисија, како што се создавање на независно судство, почитување на владеењето на правото, слобода на медимуите, сервисно ориентирани државни инститции и реформи на тајните служби.

– Хан и Могерини зборуваа во суперлативи за она што значат реформи, градење на пријателство со соседите, вклучително и со Грција, и се свесни за проблемот со името. Нивна амбиција и наша голема желба е Македонија да ги започне преговорите за членство во ЕУ во 2018 година, изјави Заев.

Тој нагалси дека Хан и Могерини оцениле дека сите земји во регионот мора да исчекоруваат напред, и во услови кога Србија и Црна Гора веќе преговараат за членство во ЕУ, треба и Македонија и Албанија да ги отпочнат тие преговори.

– Не само заради нив, но, пред се, и заради нас. Успешно стартувавме, нема дилеми. Ние се надевамe на позитивен исчекор во однос на отстранување на блокадата од страна на Грција и отпочнување на преговорите. Јас сум оптимист по ова прашање, истакна Заев во изјавата за МИА.