„Катимерини“: Атина се плаши од последиците од германските избори

од desk2
98 прегледи

Победата на Христијанско демократска унија (ЦДУ) на германската канцеларка Ангела Меркел, предизвика загриженост во Атина, затоа што политичките случувања во најбогатата земја на Европската унија би можеле да имаат влијание врз очекувањата на грчката левичарска Влада во врска со голем број прашања, а не само за програмата за финансиска помош и надежите за олеснување на долгот, пишува „Катимерини“.

Весникот дознава дека претседателот на Еврогрупата, Јерун Дејселблум, кој вчера беше во посета на Атина, рекол оти изборниот резултат во Германија нема да влијае на грчката програма. Меѓутоа, Слободната демократска партија (ФДП). која освои 11 отсто од гласовите и која се потенцира како можен коалициски партнер, според аналитичарите. изгледа дека не го дели истото мислење со Дејселблум, наведува весникот. – Ставот на ФДП е јасен. Партијата во основа рече „не“ на Грција, за понатамошна интеграција на еврозоната, назначување министер за финансии на еврозоната и создавање на европски монетарен фонд, изјави Томас Клајн-Брокхоф, потпретседател на тинк-тенкот Германски Маршал Фонд со седиште во Вашингтон. Загриженоста на грчката Влада ја повторуваат и голем број аналитичари во земјата и странство, кои се плашат дека германскиот изборен резултат, според кој екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АФД) стана трета најсилна партија во земјата со освоени 12,6 отсто од гласовите, како и излевање на десничарските гласачи од ЦДУ, може да предизвика конзервативна негативна реакција, коментира „Катимерини“.

Според извори на весникот, тоа би можело да ја поттикне новата Влада во Берлин да заземе построг став за голем број прашања што директно влијаат врз Грција, вклучувајќи ги и миграциските и германско-турските односи. Со оглед на тоа што Меркел сега има тешка задача да формира коалиција, аналитичарите веруваат дека ова би можело да доведе до продолжена фаза на тргување со други партии, на сметка на Атина, бидејќи во Грција постои силна убеденост оти без Влада во Германија , третиот преглед на третата финансиска помош за земјата нема да биде завршен во саканата временска рамка. Според весникот, финансиската помош не е единственото прашање што ја загрижува Атина, со оглед на тоа што поцврстиот став на Берлин за кризата со бегалците и мигрантите би можел да има директно влијание врз Грција, која го носи товарот на оваа криза од 2015 година.

Понатаму, Атина се плаши дека натамошното влошување на веќе затегнатите германско-турски односи би можело да има негативно влијание врз врските меѓу Грција и нејзиниот сосед од другата страна на Егејот. – Со оглед на тоа што односите на Анкара со ЕУ беа на тежок тест уште откако претседателот Реџеп Таип Ердоган започна чистка поради неуспешниот обид за државен удар минатата година, извори во Атина укажаа дека Турција би можела да стане уште понервозна, особено по референдумот на ирачките Курди, на кој жестоко се спротивстави“, пишува „Катимерини“ и додава дека грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас на 24 октомври ќе ја посети Анкара со цел да се спречат какви било негативни влијанија врз грчко-турскитe односи./МИА