Одбраната на Заев има поднесено кривична пријава против Обвинителството за организиран криминал поради пуштање доверлив материјал од ПИ мерки. – Заев на снимката од ПИ мерките, објавена на Јутјуб на 13 мај 2015 година. Денес во 10 часот продолжува судењето. 
Снимките од посебните истражни мерки против премиерот Зоран Заев, направени во неговиот тогашен градоначалнички кабинет во Струмица, се пуштени на интернет од сервер во странство со скриена ај-пи адреса, објавуваат македонските медиуму од извори на истрагата. На тие снимки се слуша разговор на Заев со бизнисмен, од кој тој наводно бара да му даде поткуп за изградба на црква.
Во случајот „Поткуп“ против Заев, судски процес што треба да продолжи денеска во 10 часот, обвинителот, дознаваме, ќе се држи до тоа дека посебните истражни мерки биле прибавени на законит начин. Тоа, според соговорниците, е најважно и е нескршливо во целата злоупотреба со нив.
Наспроти обвинителството за организиран криминал, одбраната на Заев, која поднесе и кривична пријава против ова обвинителство поради пуштање во јавност доверлив материјал од ПИ мерки, се сомнева во монтиран политички случај со помош на обвинителството на Марко Зврлевски, преку тајно снимање на тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев.
На последното судење на 27 јуни одбраната побара доказите од посебната истражна мерка против Заев да биде повлечена, бидејќи беше објавена на Јутјуб.
Судот ќе одлучува за валидноста на снимката, а потоа одлуката ќе треба да стане правосилна. Додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ го обвинува премиерот Заев дека го сменил Зврлевски затоа што, како што велат од партијата, го фатил во поткуп, тој во јавноста бара да биде објавена целата снимка, која, според него, на две места била масакрирана и спремена за на социјалните мрежи за негова јавна осуда.
„Од целосната снимка ќе се види дека немало ниту обид, ниту земање поткуп“, тврди Заев.
Заев првпат како премиер, присуствуваше на минатото рочиште во Основниот суд Скопје 1. Тој е обвинет дека како градоначалник на Струмица побарал поткуп од струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев, во вредност од 160 илјади евра за градежно земјиште во Струмица.