Ердоган нуди размена на САД: Дајте ни го Ѓулен, ние ќе ви го дадеме свештеникот Бренсон

од desk2
70 прегледи

– Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска им понуди на САД размена на американскиот свештеник Ендрју Бренсон, уапсен во Турција, за имамот Фетулах Ѓулен, кој живее во Пенсилванија, а за кого Анкара бара екстрадиција, обвинувајќи го дека го организирал минатогодишниот воен пуч.

– Дајте ни го свештеникот. И вие држите свештеник. Дајте ни го на нас (Ѓулен). Тогаш ќе му судиме на Бренсон, и ќе ви го дадеме на вас. Свештеникот, кој ние го држиме, е на суд. Тој што ние го бараме, не е. Тој живее во Пенсилванија. Можете лесно да ни го предадете . Можете веднаш да ни го предадете, порача Ердоган. Со декретот издаден во август, Ердоган доби овластувањата за одобрување на размена на странци уапсени или осудени во Турција за лица кои се во притвор во други држави „за ситуации кога е во прашање националната безбедност или националните интереси”.

Инаку, Ѓулен негираше дека имал улога во неуспешниот пуч во јули 2016, кога беа убиени 250 луѓе. По неуспешниот пуч, во Турција беа уапсени илјадници лица, вклучувајќи го и американскиот христијански мисионер Бренсон, кој водеше мала црква во Измир на западниот брег на Турција. Бренсон е во притвор од октомври минатата година, а турските медиуми наведуваат дека обвинувањата против него вклучуваат припадност на Ѓуленовата мрежа, која турската влада ја смета за терористичка организација. САД тврдат дека Бренсон е невин и бараат неговото ослободување./МИА