Јужнокорејски и американски разузнавачи неодамна забележале префрлање неколку севернокорејски ракети од магацини во Пјонгјанг, јавија денеска јужнокорејските медиуми.

Тие се повикуваат на неименуван извор од разузнавачките кругови кој изјавил дека јужнокорејски и американски разузнавачи забележале преместување проектили од севернокорејскиот центар за истражувања и развој во Санум-донг во северниот дел на Пјонгјанг.
Во извештајот не е прецизирано кога и каде ракетите се префрлени.
Според податоците во извештајот, постои можност да се префрлени проектилите со среден домет „Хвасонг 12“ или интерконтиненталните ракети „Хвасонг 14“. Познато е дека во центарот Санум-Донг произведени се интерконтинентални балистички ракети.
Извор од јужнокорејското министерство за одбрана не можел да потврди детали од извештајот или дали се забележани невообичаени активности во споменатата област.
Неименуван јужнокорејски функционер изрази загриженост дека Северна Кореја може да изврши нови провокативни ракетни испалувања бидејќи де ближи одбележување на основањето на Комунистичката партија на 10 октомври или по повод одржувањето на Конгресот на Комунистичката партија на Кина на 18 октомври.