Европскиот инвестициски фонд, кој е фонд во стоотстотна сопственост на Европската унија, потпиша договор со унгарската гарантна институција „Гарантика“ со што и обезбеди 80 милијарди унгарски форинти (околу 260 милиони евра) помош за околу 3.500 мали и средни претпријатија во Унгарија.
И покрај заострените односи на релација Брисел – Будимпешта, поради анти-Сорос законите во унгарската држава и одбивањето на истата да се прифати мигранти, оваа помош покажува декаЕвропската унија, сепак, рамноправно и идентично се грижи за сите 28 земји-членки.
Тој договор е покриен со гаранцијата на Европскиот фонд за стратешки инвестиции (ЕФСИ), што е јадрото на планот на претседателот на Комисијата, Жан-Клод Јункер за економско заздравување на Унијата. Исто така, овој договор се очекува да помогне да се намали административниот товар вклучен во добивањето на заем.
Унгарецот Тибор Наврачич, кој е еврокомесар за образование, култура, млади и спорт, истакна дека договорот што е потпишан денес од страна на Европскиот инвестициски фонд и унгарска „Гарантика“ е многу добра вест за малите унгарски бизниси.
– Благодарение на поддршката од Инвестицискиот план за Европа, не само што 3.500 мали бизниси во Унгарија ќе имаат пристап до 80 милијарди унгарски форинти за помош во финансиите, а со цел да растат нивните компании, договорот исто така ќе помогне да се намали административниот товар за добивање на заем. Ги охрабрувам малите и средни претпријатија во Унгарија со предлог за инвестирање да ја искористат оваа можност и да аплицираат за „Гарантика“ – истакна еврокомесарот Наврачич.