
Аналитичарите досегашната генерална предизборна кампања ја оценуваат за мирна и без посериозни инциденти. Според аналитичарот Никола Дујовски, време е граѓаните да инсистираат кампањите да бидат мирни и да вклучат понуди за реалните проблеми. Според него, последните инциденти се симболични, а полицијата треба да работи на нивно спречување. Арсим Синани пак, оценува дека граѓаните веќе немаат потреба од конфронтација.
„Мислам дека граѓаните треба да бидат повнимателни и да не бидат жртви на провокации бидејќи во регионот се случуваат важни работи и мислам дека одредени кругови се заинтересирани да создаваат инциденти за геополитички поени.“ – смета Арсим Синани – аналитичар
Според Дујовски, националистичката реторика помеѓу партиите се сменила бидејќи македонските партии веќе ја прифатиле важноста на албанското гласачко тело и сега сакаат да стигнат до албанските гласачи. Според Синани, покрај омекнувањето на националистичката реторика, Албанците имаат потреба да видат и конкретни проекти.
„И Груевски и Заев изгледаат како меки јагниња кои сакаат да лобираат и да се претставуваат пред Албанците како добри политичари, но ние реално не гледаме резултати таму каде што живеат Албанците. Треба да видиме резултати за да стекнеме доверба во тоа што го велат“. – вели Синани
Изборната кампања ќе продолжи до полноќ на 13 октомври додека досега е регистриран обид за напад врз Никола Груевски во Скопје, насилство врз кандидатот за општина Шуто Оризаре, Елвис Бајрам, закани кон кандидатот за општина Сарај, Башким Бакиу и неколку случаи со кршење на партиски штабови главно во Скопје.