Централниот совет на Демократскиот сојуз одржа седница на која се расправаше за изборната кампања и актуелнити политички состојби при што ги повикува граѓаните на Република Македонија да ги поддржат промените како битен предуслов за стабилизација на државата, воспоставување систем на еднаква примена на законите и деблокада на евроатлантските процеси.
– Промените се битни за да продолжат реформите и започне економски развој, отворање на нови работни места и подобрување на социјалната состојба на граѓаните. ДС ги повикува неговите членови и симпатизери да гласаат за кандидатите за градоначалници и советници на Коалицијата предводена од СДСМ, се наведува во партиското соопштение.
Според партијата изборната кампања се одвива во мирна атмосфера, без партиски притисоци и со толерантен вокабулар.
ДС инсистира државните институции да ги преземат сите законски мерки за да се спречат какви било обиди за нарушување на изборниот процес и фалсификување на волјата на гласачите.
На денешната седница Централниот совет на ДС за генерален секретар го избра м-р Глигор Стоименов, а за нови членови на Претседателството ги избра Атанас Стефанов адвокат од Кочани, м-р Верица Филиповска, м-р Миодраг Димов, м-р Дејан Богоевски и Дејан Наумовски. За потпретседател на ДС е избрана м-р Весна Стоименовска.