Рената Јајоска, кандидатка за советничка во Општина Аеродром, го објави ревизорскиот извештај за работењето на Ивица Коневски, кој, според неа, со години се криел од јавноста.

„Ова е државен ревизорски извештај за работењето на Ивица Коневски како директор на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор. Ревизорите уште во 2009 година констатирале големи неправилности во работењето, огромни пропусти и економски загуби за претпријатието што го водел Коневски“, изјави таа.
Според Јајоска, ревизорите откриле дека не постои никаква евиденција на продадени станови, изградени станови од здружени средства, како и станови на фирми што се ликвидирани, приватизирани или во стечај. Немало евиденција како се користеле или доделувале становите. Не постојат ниту податоци колку од становите се издаваат под закуп и кој плаќал кирија.
Според постојната евиденција во претпријатието, заклучно со 31.12.2007 фактурирањето за користење на социјалните станови изнесувало минимални 570,166 денари, од кои извршена е наплата од само 15 отсто од средствата. Одговорноста за неправилностите и економската загуба, според главниот државен ревизор, паѓаат на сегашниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски.
„Коневски дозволил бесплатно користење деловни простории од страна на политички партии. Тој за консултантски услуги од економски карактер во 2005 година ангажирал лице за кое платил половина милион денари иако во претпријатието веќе постоеле стручни кадри со сертификати за стручни ревизори. Склучувал договори со фирми што не доставувале банкарска гаранција иако законски биле обврзани да го прават тоа. Кај овие фирми градежните активности доцнеле и по повеќе од 2 години, а немале дадено никаква гаранција. Еклатантен пример на фаворизирање компании и кршење на законите. Од заедничките договори за градба Коневски губел стотици илјади евра, но досега не одговараше за ниту едно дело за ова криминално работење. Државниот ревизорски извештај ја потврди неговата неспособност иако институциите го премолчеа криминалот“, изјави Јајоска.