Меј: Велика Британија останува посветена на иранскиот нуклеарен договор

од Vladimir Zorba
96 прегледи

   Британска премиерка Тереза Меј во телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп нагласи дека Велика Британија останува посветена на договорот за иранската нуклеарна програма, соопшти Даунинг стрит 10.  

– Премиерката ја потврди цврстата посветеност на Велика Британија и на нејзините европски партнери за опстојување на договорот, нагласувајќи дека тоа е исклучително важно за регионалната безбедност, се наведува во соопштението на Кабинетот на Меј.

Според Даунинг Стрит 10, Меј и Трамп разговарале и за „неопходноста од заедничка акција на Велика Британија, САД и други земји за спречување на дестабилизирачката улога на Иран во регионот“.

Ваквата порака на Мај доаѓа по минатонеделаната изјава на Трамп дека Техеран „не го почитува духот на договорот“ и дека наскоро ќе ја презентира својата стратегија за Иран.

„Вашингтон Пост“, повикувајќи се на извори во Белата куќа, во четвртокот објави дека Трамп во текот на оваа недела ќе ја повлече поддршката за иранскиот нуклеарен договор, затоа што смета дека тој не е во согласност со националните интереси на САД.

Ваквата одлука на Трамп би можела да биде чекор што ќе доведе до пропаѓање на овој договор, кој во 2015 година го постигнаа Иран и шесте светски сили.