Стојаноски: Да го направиме Охрид општина за сите граѓани

од desk2
93 прегледи

Нема поважна мисија од тоа Охрид да го направиме општина за сите граѓани. Првиот чекор е создавање на инфраструктура за сите. Градиме одговорно, квалитетно и домаќински, за секој граѓанин да добие решение кое ќе му го подобри животот во неговата средина, изјави денеска Јован Стојаноски, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Охрид.

Тој истакна дека приоритет на новата локалната самоуправа предводена од СДСМ ќе биде обезбедување чиста и здрава вода за пиење и чист воздух, постојано и навремено чистење на депониите и каналите, вложувања во колекторски системи, пречистителни станици, регионални фабрики за третман на отпад и енергетски ефикасни објекти.

– Парите ги враќаме кај граѓаните. Соработуваме со бизнисите, заедно ги креираме плановите за поефикасен локален економски развој. Преку соработка со фирмите, обезбедуваме сигурна пракса за младите, ги насочуваме во професионалните кариери, рече тој притоа најавувајќи создавање отворена и услужна општина за сите, пријатни детски градинки, чисти и загреани училишта, поддршка и помош за најзагрозените семејства и за лицата со посебни потреби, вклучување на граѓаните во креирањето на буџетот, во носењето одлуки и во контролата на власта, рече Стојаноски.

Тој ја искористи можноста уште еднаш да ги повика граѓаните в недела да го дадат својот глас за Коалицијата предводена од СДСМ за, како што рече, подобар Охрид, за враќање на слободата во градот, за живот во Охрид за сите. Коалицијата „За живот во Македонија“ предводена од СДСМ својата предизборна кампања за локалните избори ќе ја заокружи вечерва токму во Охрид, со митинг на Градскиот плоштад закажан во 20:30 часот./МИА