Вистинскиот план на ЦИА за Авганистан –  со 5.000 платеници брзо ќе воведеме ред и мир 

од desk4
80 прегледи

 

 

Јутарњи Лист – Загреб 

Ерик Принц, најпознат воен контрактор на светот, поранешен сопственик на фирма „Блеквотер“, која во Ирак е обвинета и осудена поради масакр на цивили, на американската влада и предложи да испрати во Авганистан платеници да „ја средат состојбата”.

„Фајненшал Тајмс“ дојде до документ во кој Принц и изнел на Белата куќа двогодишен план според кој во земјата би пратил 5000 платеници и до 100 авиони, а вкупниот трошок за американскиот ангажман во Авганистан би се намалил на најмногу 10 милијарди долари годишно.

Принц, чија постара сестра е американска министерка за образование Бетси ДеВос, му порача на Вашингтон дека платениците се клуч ако сакаат да направат пресврт на лошата состојба на теренот.

– Кој навистина управува со Авганистан? Никој. Станува збор за исклучително фрагментиран терен. Таму пративме и до 140.000 војници, во овој момент трошиме цел британски одбранбен буџет само на Авганистан, а сепак губиме, објаснил Принц во разговор за Си-Ен-Ен.

Поради тоа предлага именување на одговорен кој би ги известувал САД за настаните на теренот. Моментно војната во Авганистан, истакна Принц, ја чинат САД 45 милијарди долари, а идната година треба да се „уфрлат” уште пет милијарди. Но, не ако го слушаат него. – Пентагон остатокот од парите може да ги искористи да се ресетира, истакна Принц.

Стратегија

За тоа допрва треба да се состануваат многу поранешни и сегашни генерали со кои е опкружен Трамп. Генералот Џејмс Матис, ветеран од Авганистан и Ирак, актуелен министер за одбрана, неодамна изјави дека неговиот тим е „блиску до завршување на т.н. „Стратегија за јужна Азија” во која спаѓа и Авганистан.

Најважната одлука се однесуваше на тоа дали САД и таа земја ќе пратат дополнителни војници: тоа е најдолга војна која Америка ја водела во историјата. Централната влада држи под контрола околу 60 отсто од територијата. Остатокот е во рацете на припадниците на т.н. Исламска држава, се посилните талибанци и околу 20 бунтовнички организации кои оперираат во земјата.

Многумина во американската Администрација сметаат дека дополнителните војници нема да ја поправат состојбата во афганистанската војска која според сите досегашни стратегии веќе требаше да биде способна да се справи со талибанците и да спроведе безбедност во земјата. Но, се покажала многу неефективна и лоша.

Нови сили

Матис можеби одлучува за стратегијата, се верува дека не е склон на платеници, па како генерал чиј воен прекар е „Mad Dog” (Лудо куче) има голем углед кај шефот во Белата куќа кој никогаш не облекол воена униформа, иако добил повеќе покани за Виетнам. Но, Трамп како врховен воен командант е тој кој треба да го стави својот потпис на било која одлука, Според сите извештаи, Трамп е против праќање на нови сили.

Шефот на ЦИА, Мајк Помпео го посетил Авганистан за да ја провери можноста за имплементација на предлогот на Принц, како што пишува Бизнис Инсајдер. Принц во јавноста остро ја критикува досегашната стратегија и фактот дека во 15 години биле променети 17 команданти во Авганистан.

Американските војници кои доаѓаат во Авганистан се многу неискусни и таму служат кратко. Неговите искусни луѓе, тврди Принц, би служеле долгорочно заедно со авганистанските војници. Не би замениле 2000 американски војници кои учествуваат во борбите против тероризмот, туку советниците на НАТО на чело со САД.

Принц е многу добро запознат со состојбата во Авганистан. Неговата компанија „Блеквотер“ од 1997 до 2010 година за американската влада ги обезбедуваше амбасадите, базите и слично. Договорите биле вредни два милијарди долари, а добар дел се однесувал на тајни операции поврзани со ЦИА. По скандалот и смртта на 17 лица на плоштадот во Багдад во 2007 година, за кои ирачките власти тврдеа дека биле целосно непотребни, неколку негови обезбедувачи беа осудени за убиство на цивили, а Принц ја продаде компанијата „Блеквотер“ која од тогаш два пати го менувала името.

Но, во случајот за судењето на обезбедувачите склони прво да пукаат на Ирачаните, а потоа да поставуваат прашања, дошло до пресврт. Минатата недела американскиот федерален суд ги отфрли пресудите против четворица поранешни обезбедувачи на „Блеквотер“ и им даде поблаги казни. Принц коментираше дека во иднина на контракторите треба да им се суди на воени судови, а не на граѓански.

Принц го поддржа Трамп како кандидат за претседател. Во април беше ставен под истрага за руското вмешување во изборите, а ФБИ го истражува состанокот на Сејшелите на кои се претставил како неофицијален претставник на Трамп.

Тој предлага платениците да ротираат на секои 90 дена и да се враќаат во истиот батаљон по 60 дена одмор. Платата би им била 500 и 600 долари на ден. Дел од коментарите ја пофалиле ефектноста и деловниот пристап за таа солуција, но многумина не се согласуваат со воведување на приватна војска. – Откако почнавме со конвенционално војување, секоја година сме во се полоша позиција. По 11 септември, неколку стотици специјалци и агенти на ЦИА заедно со воздушните сили ги разбија талибанците, тврди Принц.