ДУИ: Изборите беа фер и демократски, а народот секогаш е во право

од desk2
70 прегледи

Демократската унија за интеграција оценува дека вчерашниот изборен процес помина во фер и демократска атмосфера, а народот засекогаш е во право.

Портпаролот на изборниот штаб на ДУИ, Арбр Адеми, на денешната прес-конференција потврди дека партијата добила над 100.000 гласови на граѓаните за листите за советници на ДУИ и за кандидатите за градоначалници.

„Оваа убедлива победа ви припаѓа вам и ние ја искажуваме нашата благодарност што уште еднаш, 11 пати по ред, вие ја дадовте вашата доверба за Али Ахмети, за ДУИ и за најдобрата понуда“, рече Адеми.

Тој потврди дека ДУИ е прва и со најмногу гласови во Кичево, Тетово, Гостивар, Чаир, Сарај, Липково, Теарце, Боговиње, Врапчиште, Долнени, Пласница, Желино и за речиси сите совети во општините во кои се натпреварувале, а најави и дека во вториот круг ќе победат и во „нивната“ Струга.

„Оваа апсолутна волја на граѓаните во соодветните општини заеднички ќе ја потврдиме во вториот круг и како што бевме транспарентни до денес и во целосна соработка со граѓанинот, така и ќе продолжиме сѐ до конечната победа на 29 октомври. Вашата волја ги гради нашите политики и вашата проценка е обврска за нас. Ви благодариме над 100.000 пати“, изјави Адеми.