(ВИДЕО) Ковачевски: Убедливата победа е доказ дека во изминатите 12 години се воделе погрешни политики во Битола

од desk2
82 прегледи

Претседателот на СДСМ Битола, Васко Ковачевски денеска во изјава за медиуми рече дека според конечните, а неофицијални резултати кандидатката за градоначалник на Битола, Наташа Петровска добила 31.337 гласови или речиси 60 отсто, а нејзиниот конкурент од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски имал 17,715 или 34 отсто.

– Разликата од речиси 14.000 гласови, ја потврдува победата во прв круг на новата Градоначалничка Наташа Петровска. Советничката листа на СДСМ и коалицијата предводена од Валентин Груевски доби поддршка од 26.555 гласачи или 51 отсто, а листата на ДПМНЕ 17.481 глас или 33 отсто. Бројките го покажуваат и односот на силите во новиот Совет на Општина Битола. СДСМ и коалицијата ќе имаат стабилно мнозинство со 17 советници, наспроти ДПМНЕ со 11 советници. Во Советот ќе партиципираат и 2 советници од независната листа и 1 советник од листата на албанските партии, рече Ковачевски.

Тој додаде дека ваквите бројки од изборите покажуваат дека во изминатите 12 години претходниот градоначалник и партијата на власт воделе погрешки политики во Битола.

– Ја унишија Битола и ја добија казната од битолчани, рече Ковачевски.

Тој изрази голема благодарност до сите кои ги поддржале и кажа дека тоа значи голема обврска за реализација на ветувањата од изборната програма, но и одговорност за да се врати Битола на местото каде што заслужува.