
Во Киев денеска илјадници Украинци протестираат пред Парламентот со барање за формирање на специјален суд за делата поврзани со корупција, со цел да се зајакне борбата против тој проблем, што останува нерешен и покрај ветувањата на новите прозападни власти.
За време на протестите демонстрантите го нападнале пратеникот од Блокот на Петро Порошенко, Олег Барна. Тие по него фрлале со разни предмети.
Демонстрантите се собраа на повик од неколку реформистички движења, вклучително и Движењето на новите сили на поранешиот грузиски претседател Михаил Сакашвили. Тој стана политички противник на украинскиот претседател Петро Порошенко, кој го лиши од украинско државјанство.
– Нашите барања се едноставни: формирање на антикорупциски суд и одземање на имунитетот, се наведува во соопштението на партијата на Сакашвили, кој исто така присуствува на протестите.
Сакашвали, за време на протестите наведе дека Порошенко е одговорен за „сиромаштијата и омаловажувањето“.
Организаторите на демонстрациите исто така, побараа и измена на украинскиот изборен закон со цел да се зајакне конкуренцијата меѓу партиите.
Демонстрантите пред украинскиот Парламент поставија шатори и ветија дека ќе протестираат се додека нивните барања не бидат исполнети.
Украинските демонстранти бараат интензивирање на борбата против корупцијата.