За првпат по независноста на Република Македонија, ВМРО- ДПМНЕ и коалицијата претрпеа неочекуван пораз во општина Кратово. Бастионот на Социјалистичката партија на Љубисав Иванов Ѕинго, на овие локални избори, поддршката ја даде на кандидатот од СДСМ. Во Кратово, жителите кои не пречкаа на влезот, во неверување коментираат дека се конечно слободни, пренесува ТВ24.
Кај Кратовчани е очигледно задоволството од изборните резултати, а причини за падот на локалниот режим, како што го нарекуваат, имало многу.
Но зад камерите, граѓаните сведочат дека притисоците врз оние кои не биле поддржувачи на Социјалистичката партија на Ѕинго, биле уште големи, и оделе до таму, јавните простори да не може да ги користат за манифестации , а особено не за собирни за кампања за изборите. И покрај огромната желба за промена на локалната власт, додаваат дека нивните очекувања од идниот градоначалник, за решавање на проблемите, се уште поголеми. Кандидатот на СДСМ, Љупчо Бојаџиев, кој победи со разлика од над 1000 гласови, вели дека ја очекувал победата, бидејќи во Кратово, според него, одамна се чувствувала потребата за промени.
Во Kратово го побаравме и поразениот кандидат, досегашниот градоначалник, Мите Андоновски, но тој не беше во можност да зборува пред камерата на тв 24.
Кратово е бастион на Социјалистичката партија или многу повеќе бастион на владеењето на „фамилијата“ на семоќниот Љубисав Иванов Ѕинго, и неговите извршители. Сепак се покажа дека политиката и неговиот „социјализам“ е само алатка за добивање моќни државни бизниси потпомагани од секоја власт. Кратово последните 25 години е град во кој граѓаните неистомисленици беа тероризирани, експлоатирани и жигосувани, живееја понизно и во страв, ги отпуштаа од работа, како што велат, како да е тоа феудализам или робовладетелство . Тоа за политички поени и профит, до сега го толерираа сите минати раководства на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ , а го премолчуваше и демократската јавност, се до актуелната конечна промена со Зоран Заев, која во вистински смисол за кратовчани ќе значи Живот и ослободеност од прангите на ѕинговизмот во Кратово.