Георгиевски: Реконтрукција на 45 улици и целосна атмосферска и фекална канализација

од desk2
80 прегледи

Новата локална власт предвидува асфалтирање на 45 улици и менување на атмосферската и канализациска мрежа на целата територија на општината. Ова денеска го најави кандидатот за градоначалник на општина Гази Баба од СДСМ Борис Георгиевски.

– За граѓаните на населеното место Страчинци кои немаат стабилно водоснабдување предвидовме изградба на нов водоснабдителен објект кој опфаќа нов цевковод во должина од 8 километри и две пумпни станици. Во населбата Железара целосно ќе ја реконструираме улица „Гемиџиска“, која сега не е безбедна за движење на возила и пешаци, најави Георгиевски.

Тој истакна дека улиците „Перо Наков“ и „Благој Стефковски“ ќе бидат целосно реконструирани и ќе се прошират капацитетите на атмосферската и фекалната канализација. Во соработка со Град Скопје, како што рече, ќе се изгради и натпатник кај железничката рампа кој во голема мера ќе го олесни сообраќајот во овој дел од општината.

Георгиевски вети дека ќе се донесат нови ДУП-ови за Керамидница, Инџиково, Црешево, Раштак, Булачани и Крсте Мисирков. Во Автокоманда ќе се прошири улицата „Габреж“ која, како што рече, е еднонасочна со две ленти, од која сега едната служи за сообраќај, а другата за паркирање возила.