Ристовски обвини дека изборните нерегуларности продолжуваат и во вториот круг

од desk2
72 прегледи

Претседателот на Републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ, Спиро Ристовски денеска на прес-конференција рече дека постојано добиваат информации за огромни изборни нерегуларности, злоупотреби, кршења на процедури и притисоци.

– Изборниот ден помина во тензична атмосфера со прекини на гласањето на повеќе места, поткупи и евидентирани уцени. По завршувањето на гласањето на повеќе локации низ државата забележано е недостаток или вишок на гласачки ливчиња. На голем број места не соодветствува бројот на ливчињата и бројот на потпишани граѓани што гласале, што укажува на сериозни сомневања за организиран т.н. бугарски воз, со што се наполнети кутиите со однапред заокружени гласачки ливчиња за кандидатите на СДС.

Тој кажа дека и во текот на изборната кампања бил забележан поткуп на гласачи, злоупотреба на полицијата и државните институции, заплашувања и уцени врз гласачите и дека се тоа било фото и видео документирано.

– Медиумите навремено алармираа за состојбите на терен, меѓутоа во државните институции кои треба да ги превенираат овие изборни нерегуларности владее апсолутен молк. Институциите се ставени под контрола на СДС и го премолчуваат очигледниот факт дека изборната кампања помина во светло на изборен криминал, рече Ристовски.

Како што кажа тој, изборниот поткуп продолжува и за време на вториот круг. Синоќа во село Булачани медиумите објавиле дека партиски активисти на СДСМ делеле прахранбени продукти, рече тој.