Пет поранешни американски претседатели заедно на концерт

од desk2
71 прегледи

Пет некогашни претседатели на САД заедно присуствуваа прв пат од 2013 година, на хуманитарен концерт посветен на жртвите од разорниот ураган.

Демократите Барак Обама, Бил Клинтон и Џими Картер и републиканците Џорџ Х.В.Буш и Џорџ В. Буш, се појавија на бината во градот Колеџ Стејшн во Тексас, оставајќи ја политиката на страна во обидот да ја обединат земјата по бурата.

Меѓу изведувачите на концертот беа кантри бендот „Алабама“, госпел пејачката Јоланда Адамс и музичарите Лајл Ловет и Роберт Ерл Кин.

Од почетокот на хуманитарната акција на 7 септември која ја поддржаа претседателите собрани се 31 милиони долари, рече портпаролот на Џорџ Х.В. Буш, Џим Мекгарт.

Тие петмина последен пат се собраа во 2013 година, кога Обама беше претседател на САД; на отворањето на претседателската библиотека и музејот посветен на поранешниот претседател Џорџ В. Буш во Далас.

Претседателот Доналд Трамп пред концертот на кој се собраа и поранешните претседатели објави видео во кое ги поздрави сите, додавајќи дека тие се меѓу најдобрите службеници на Америка.

„Оваа прекрасна работа не потсетува дека навистина сме еден народ пред Бога, обединети со нашите вредности и посветени еден на друг“, наведе Трамп.