
Намерата на грчката влада на еден милион граѓани да им подари бонуси во вредност од 1.000 евра за празниците натера кредиторите да реагираат и да побараат објаснување од Атина.
Претходно во текот на месецов државниот министер Кристофорос Вернадакис објави дека 1 милијарда евра ќе бидат распределени на еден милион Грци со низок приход како божиќни бонуси.
Средствата ќе дојдат од примарниот суфицит кој владата ќе го постигне до крајот на годината.
Во интервју Алексис Ципрас повтори дека вишокот на приходи ќе биде даден како социјална дивиденда на еден милион сиромашни Грци. Грчките кредитори сепак реагираа дека сите државни приходи кои надминуваат утврдените цели, треба да се распределуваат меѓу државните долгови кон приватниот сектор и претстојното доделување на пензии.
Освен тоа доверителите сакаат дел од секое преплатување да се користи како „перниче за ликвидност“, кога програмата за спасување на Грција ќе заврши и земјата ќе се врати на меѓународните пазари во услови на стабилност.
Прашањето се очекува да биде предмет на дебата во понеделникот, кога почнува нов круг преговори меѓу Грција и кредиторите за третиот преглед на програмата за спасување.
Грчката Влада е подготвена да им го претстави на кредиторите мешаниот план кој опфаќа исплата на задоцнети плаќања во приватниот сектор и програми за развој, а дел од вишокот на приходи ќе дојде до програмата за минимални приходи и други социјални дивиденди.
Вработените во Министерството за финансии тврдат дека доверителите можат да прифатат мешана распределба на прекумерните приходи и да се согласат дека дел од средствата треба да одат за социјални дивиденди.