Претседателот на Воениот комитет на НАТО, Петар Павел, синоќа соопшти дека Алијансата има намери во февруари следната година да воведе промени во својата командна структура. 
Од него беше побарано да ја коментира објавата во весникот „Волстрит журнал“, каде пишува за намерите на НАТО да создаде две нови команди поради заканите од страна на Русија.
Во одговор на тоа, Павел наведе дека во текот на последните две децении персоналот на Алијансата во командната структура е намален од 23.000 на околу седум илјади лица.
– Тоа ниво е „доволно за мирно време“, посочи претседателот на Воениот комитет на НАТО.
Тој нагласи дека, Алијансата констатирала оти „во нашата командна структура има недостатоци кои се појавија во периодот на кризи и особено за време на вооружените конфликти“.
– Тие недостатоци ги открија луѓето кои ја вршат стратешката команда. Лицата ги претставија своите ставови за функционирањето на моделот на командната структура на НАТО, истакна Павел.
Тој посочи дека, тие идеи биле разгледани главно од високите команданти.
– Подоцна ќе бидат претставени на министрите за одбрана. Доколку тие не се согласат, ќе биде прерано да се размислува за некакви конкретни работи, потенцираше Павел.
Тој оцени дека, понатамошното развивање на ситуацијата во таа област зависи од „политичката волја“.
– Одлуките за конечните варијанти се очекуваат да бидат донесени на средбата на министрите за одбрана, што е предвидена за на 18 февруари, наведе Павел.
Претседателот на Воениот комитет на НАТО констатираше дека, НАТО и Русија успеаледа ги направат првите чекори кон обновување на односите.
Тој увери дека, Алијансата е насочена кон обновување на политичките и воените врски со Москва, кои и досега не беа целосно прекинати.
– Сметам дека ја достигнавме првата фаза, веќе е постигната првична соработка, со што ни е овозможено одвреме навреме да спроведуваме телефонски разговори и средби во однос на воените прашања, како и да подготвуваме дискусии на политичко ниво, истакна Павел.
Во однос на тоа, тој посочи дека планира лична средба меѓу врховниот командант на Здружените сили на НАТО во Европа, американскиот генерал Кортис Скапароти и началникот на рускиот Генералштаб Валериј Герасимов.
– Датумот се уште не е утврден, но страните имаат волја таа средба да се одржи кон крајот на годинава, забележа претседателот на Воениот комитет на НАТО.
Но, тој напомена дека Алијансата не е подготвена во таа фаза целосно да ја обнови соработката со Русија.
– Ние им кажавме на нашите руски партнери дека сме отворени за дијалог, но не сме отворени за целосно воспоставување на соработка, бидејќи условите се уште не се целосно изградени. Условите беа совршено јасно насочени на политичко ниво, додаде тој.
Во врска со денешната редовна средба на Советот на НАТО и Русија во Брисел, Павел наведе дека на неа првенствено ќе биде разгледана ситуацијата во Украина, како и воените активности на двете страни, гарантирањето на нивната транспарентност и намалувањето на ризиците и ситуацијата во Авганистан.