Велосипедистите од градот со денешната „Критична маса“ ќе побараат од новите градоначалници почитување на ветеното кога станува збор за велосипедската инфраструктура и безбедноста во сообраќајот за сите учесници во него. Токму тоа ќе го изразат со собир со почеток во 17.30 часот во центарот на градот, каде што по 66-ти пат ќе возат за своите права. Оваа „Критична маса“ е насловена „Нови градоначалници. Стари проблеми. Тука сме!“ и ќе почне на плоштадот „Македонија“ за потоа велосипедистите да се движат до Аеродром и на крајот да завршат пред МКЦ.

– Да покажеме дека луѓето може да се движат и поинаку, а не само со автомобил. Да побараме мултимодално, а не автоцентрично планирање на градот и да побараме поодговорно планирање, планирање за заштита на човечки животи и пријатно живеење, наместо планирање за големи брзини. Да ги поддржуваме добрите политики и да ги критикуваме лошите и да пријавуваме проблеми и да се радуваме на малите победи. За безбедни улици… за велосипедска мрежа низ целиот град, за град што се движи на незагадувачки и активен, здрав начин… За сѐ претходно кажано тука сме – гласи мотото на иницијативата.
Пред одржувањето на овој настан ги прашавме од иницијативата „На точак“ за тоа колку е безбедно да се вози по велосипедските патеки, колку се тие функционални, особено во поглед на обележувањето со портокалови конусни столпчиња кога патеката се спушта на коловозот од булеварите, со оглед на тоа што од иницијативата активно ги следат сите случувања поврзани со поставувањето на велосипедска инфраструктура во Скопје.
– Идејата на конусите е да превенираат паркирање возила, односно блокирање на велосипедската лента за да се одвива непречен и безбеден велосипедски сообраќај. Кога се направи и пушти во употреба велосипедската лента на бул. Климент Охридски, првиот месец конусите не беа поставени и бевме сведоци дека автомобилите ја перципираа велосипедската лента како брз паркинг, таканаречен „се враќам за 5 минути“, што резултира со опсада на велосипедската лента од возила – велат велосипедистите од иницијативата.
Конусите се наметнаа како преодно решение, истакнуваат велосипедистите, за заштита на правата на велосипедистите за безбедно и непречено сообраќање.
– Велиме преодно бидејќи сметаме дека ограничување и барикадирање на просторот не е најсреќно и најпопуларно решение, бидејќи сообраќајната култура и свест кај учесниците во сообраќајот и понатаму останува иста, односно тие повторно незаконски би се паркирале на друга велосипедска лента, која не е заштитена со столпчиња. Незаконското паркирање на возилата на велосипедската лента уште повеќе е охрабрено од надлежните што константно стимулираат култура на неказнивост односно несанкционирање на овие прекршоци – додаваат од „На точак“.
Според тоа, конусите делумно ја завршија својата задача, но ниту оддалеку не може да се каже дека проблемот е решен, објаснуваат.
– И сега со поставени конуси, сведоци сме на креативноста на некои возачи на автомобили, кои и покрај конусите успеваат да ја блокираат велосипедската лента паркирајќи се накосо или прегазувајќи ги и уништувајќи ги конусите – објаснија ентузијастите од иницијативата „На точак“.
Министерството за внатрешни работи, РСБПС и сите надлежни институции преку санкционирање, едукација и мерки што им се на располагање треба да обезбедат повисоко ниво на сообраќајна култура кај сите учесници во сообраќајот, со што ќе се зголеми почитувањето помеѓу различните видови сообраќај.
Блокирање на велосипедските патеки/ленти има буквално насекаде. На пример, по должината на бул. Партизански одреди и покрај постоењето на металните столпчиња, луѓето што живеат или работат во околина според свои лични потреби ги сечат, уништуваат столпчињата за да можат да ги паркираат своите возила на велосипедската патека или на пешачката патека, а некои ги сечат столпчињата, се паркираат на патеката и повторно го враќаат столпчето. Надлежните со своите постапки укажуваат дека не се воопшто заинтересирани за заштитување на правото на безбедно и непрекинато одвивање на велосипедскиот сообраќај.
Велосипедистите преку иницијативата „На точак“ велат дека како и досега, така и понатаму, независно дали е нова/стара локална градска општинска власт ќе продолжат константно да бараат идеални и безбедни услови за велосипедскиот сообраќај.
– Предлози, идеи, пријави за недоследности, измени на закони, донесување правилници, едукација, генерална сеприсутност се мерките со кои нашето Скопје ќе прерасне во достоен и функционален град за урбан велосипедизам – заклучуваат тие.
Инаку и другите граѓани-велосипедисти имаат многу јасни идеи и ставови за овие урбани проблеми.
– Моето мислење е дека генерално им отежнуваат на автомобилите да ја окупираат патеката, меѓутоа просторот меѓу нив сепак им дозволува на упорните да се пикнат и да нѐ загрозат нас, принудувајќи нѐ повторно да мораме преку конусите да се вклучиме во автомобилската лента. Дополнителен проблем со тие патеки е исклучувањето во десно пред семафори на автомобилите каде што ја сечат нашата патека, а не нѐ пропуштаат (како што впрочем и се случува на пешачки премини) и настанува многу опасна ситуација. Генерално, проблемите со кои се соочуваме е што сме игнорирани како учесници во сообраќајот, не нѐ регистрираат автомобилите, нѐ држат растојание од 1 метар кога мораме да делиме коловозна лента и возиме близу тротоар (законот наметнува така да возиме ако нема велосипедска патека). Дури и металните столпчиња видовме неколку случаи како ноќе на Партизанска ги корнат за да си направат пристап со кола на тротоар или патека. Еднаш искорнато, прави пристап за сите коли. Мора да се работи на инфраструктура што ќе ги издвои велосипедистите од автомобилите, сѐ друго е небезбедно, зашто култура недостига – заклучува Емилија Јовановска од Скопје.