Ахмети e вознемирен што Села гo обвини дека е нарачател на неговата ликвидација

од desk2
112 прегледи

Лидерот на ДУИ Али Ахмети вели дека е многу разочаран и вознемирен што лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села го вперил прстот во него дека тој е нарачател на обидот за убиство на Села на 27 април во собранието.


– Многу сум разочаран поради погрешната страна што ја презема Зијадин Села и би сакал тој да има поконструктивен пристап во правец на процесите. Села не е подготвен за големи процеси. Уште повеќе сум вознемирен од вчерашната изјава на Села дека Ахмети и ВМРО-ДПМНЕ се организатори на неговото физичко елиминирање за потоа да го елиминираме и политички. Би сакал Села да биде поконструктивен, рече Ахмети на денешната средба со новинарите.

Ахмети очекува победа на изборите во недела, упатувајќи критика кон политичките противници Алијанса за Албанците и Беса, дека и тие како и ВМРО-ДПМНЕ воделе погрешна политика и зтоа бележеле лоши изборни резултати. Додаде дека очекува мирен изборен ден, фер и демократски, во средините каде се води тесна битка за гласови.

– Јас не сум тој кој урива, потпалува и гази. Тоа ќе се случи од страна на граѓаните на 29 октомври. Јас очекувам мирни и демократски избори, луѓето да гласаат без заплашувања и притисоци, вели Ахмети.
Ахмети не сакаше да го коментира присуството на Љубе Бошковски на средбата во Тетово, тој се правдаше дека се работело за митинг на СДСМ , а не на ДУИ, и тие според него имале право да поканата кого сакаат. На новинарски прашања за консензуален претседател на државата, Ахмети рече дека се уште не разговарале со Заев на таа тема, но не ја исклучува можноста тоа прашање да се отвори. Лидерот на ДУИ додаде и дека не е заборавен Декларацијата на Албанците, таа како што рече веќе се спроведува преку законот за албанскиот јазик кој е во собраниска процедура.

Ахмети зборуваше и за учеството на албанскиот фактор во спорот со Грција, реформите во судството, а ги повика и Обвинителството, СЈО и меѓународната заедница да отворат истрага за сите функционери на ДУИ и ако има сомневања и индиции дека направиле криминали од 2002 година, па се до денес, да бидат изведени пред лицето на правдата./Макфакс