По првичните неофицијални резултати, Алијансата за Албанците победи во три општини – Гостивар, Врапчиште и Боговиње.

Во Гостивар, Арбен Таравари од АА има 13.467 од гласовите односно 50,05%, наспроти Невзат Бејта со 12.751 гласови односно 47,39%. Бејта веќе му ја честиташе победата.
Во Врапчиште Исен Шабани од АА победи со 5.642 гласови односно 51,25% пред Гајур Рушити од ДУИ со 5.184 гласови однсоно 47,09%.
Во Боговиње Аљбон Џемаили од АА води со 6.277 гласови односно 53,71% пред Берзах Бејтулаху од ДУИ со 5.258 гласови односно 44,99%.
Во Струга изгуби лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села кој според досега преброените гласови од ДИК има 7.123 гласови односно 46,63%. Победникот Рамиз Мерко има 7.562 гласови односно 49,50%
Претседателот на Алијансата за Албанците Зијадин Села не ги признава резултатите од денешното гласање за локалните избори на кое, како што изјави вечерва, имало поткуп и уцени на гласачи вршени од партиски активисти заедно со полицијата на „правната држава“.
Му порача лидерот на ДУИ Али Ахмети дека го чека на парламентарни избори и оцени дека лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев иако декларативно се залагал за живот, рамноправност и соживот, успеал, како што рече, уште повеќе да ја продлабочи делбата помеѓу етничките заедници во Струга.
– Имајќи предвид дека демократијата е волјата на мнозинството, а мнозинството во Струга е на албанското население, во сите албански села 100 проценти и кај албанското гласачко тело го имаме победено ДУИ и тоа со длабок рзултат од два спрема еден. Останува сега тој да даде одговор. Не сме ги изгубиле изборите. Напротив, ако некој сакал да удира врз мојот легитимитет како претседател на Алијансата на Албанците ме направиле уште посилен. Али Ахмети те чекам на парламенгарни избори, изјави Села.
По ова не се знае што ќе следува во владината коалиција, но и во самата партија бидејќи лидерот изгуби, а досегашниот министер за здравство, Арбен Таравари, победи и станува градоначалник на Гостивар.