Тимоние изненаден што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека не ги признава изборните резултати

од desk2
76 прегледи

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, денеска во својот кабинет го прими амбасадорот на Република Франција, Кристијан Тимоние.

Амбасадорот Тимоние упати честитки до Богдановиќ за изборот за градоначалник и надеж дека добрите односи и соработка со општината ќе продолжат. Тој на средбата исто така истакна дека е изненаден од тоа што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, не ги признава изборите.

„Со довербата и поддршката од граѓаните, на фер и демократски избори го добив мандатот во првиот круг. Ова е одговорност и чест и јас ќе бидам градоначалник и на тие што гласале и на тие што не гласале за нас. Претходните 4 години општината беше мета на напади и сега се надеваме, по локалните избори и огромното мнозинство освоени градоначалнички и советнички мандати, ќе се работи полесно но и поодговорно. Сега треба да се расчистат сите работи за да може државата да оди напред и се надевам дека во наредниот период ќе зборуваме за убави работи и ќе пратиме убава слика за општина Центар и за Република Македонија“, рече Богдановиќ.

Амбасадорот Тимоние посочи дека тоа е и она што го посакуваат бидејќи е многу значајно каква слика испраќа и Македонија во светот.

„Најлошо е да се испраќа слика на постојани кризи. Сега ѝ се даде втора шанса на земјата што е позитивно и затоа и на локално ниво треба да се искористат сите наклонети карти кон вас. Го поддржувам она што го рековте дека ќе остварите соработка со сите, иако за танго се потребни двајца. Се надевам дека ќе соработувате и со советниците од ВМРО-ДПМНЕ. Јас сум изненаден од забелешката на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека не ги признава изборните резултати“, рече Тимоние.

Градоначалникот на општина Центар посочи дека ова по долги години се први реални фер и демократски избори. Како градоначалник, рече тој, ќе соработува со координаторот на ВМРО-ДПМНЕ во Советот, а и тоа дека веќе договорил и средба со противкандидадот од ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Јовановски./Макфакс