„Рускиот“ политички маркетинг за изборите во САД

од Vladimir Zorba
76 прегледи

  Претставниците на „Фејсбук“ на денешното на сослушување во американскиот Конгрес околу „руското мешање“ во претседателските избори во САД, изнесоа неколку примери на политички реклами, за кои тврдат дека биле изработени од руски извори, а некои и дури платени во рубљи. 

Некои од рекламите се колажи каде демократската претседателска кандидатка Хилари Клинтон е претставена како сатана и се бори против Исус Христос, а од друга страна нејзиниот републикански противкандидат и актуелен претседател Доналд Трамп е прикажан како зрел, енергичен и решителен политичар, кој повикува на враќање на „големината на Америка“.

Во рамките на сослушувањето беа прикажани и рекламни банери, колажи и останати материјали со политички карактер, наводно изработени од руски извори.

Овие рекламни содржини биле објавувани на Фејсбук и Инстаграм во текот на цела ланска година за време на кампањата за претседателски избори во САД. За некои содржини биле наведени и оценки за бројот на корисници што ги виделе. Според проценките на „Фејсбук“, се работи за околу 3.000 банери.

Една од најпопуларните теми на наводниот руски политички маркетиниг, што собрала најмногу лајкови, е „заштитата на САД од агресори и узурпатори“. Оваа тема одела како поддршка на предизборните ветувања на Трамп за зајакнување на имиграциските прописи и граничната контрола.

На еден од банерите е прикажана гранична ограда со натпис „Забранет влез за агресорите“, додека на друг има фотографии на жени со хиџаб под кои стои натпис: „Сакате ли ова да биде забрането во Америка? Стоп за агресорите“.

Во објавените податоци посочена е и статистика на прегледи, кликови, но и суми за платени реклами, во некои случаи дури и во рубљи.

Голем број реклами се со ликовите на главните кандидати за претседател на САД, Хилари Клинтон, Берни Сандерс и Доналд Трамп.

На еден банер Клинтон е претставена со лик на ѓавол, кој се бори против Исус Христос. На друг, таа е пречкртана со црна боја и на него стои натпис: „Клинтон е коавторка на пропагандата на Обама насочена против полицијата и Уставот“. Оваа реклама била платена во рубљи преку рускиот платежен систем КиВи.

Берни Сандерс, пак, е претставен како позира полугол и на корисниците им се предлага да го обојат во боите на ЛГБТ заедницата.

Од друга страна, Трамп е претставен како зрел, енергичен и насмеан политичар. На еден од банерите со неговиот лик стои натпис; „Да ја вратиме големината на Америка. Дојдете на акциите за подршка на Трамп во Флорида“.

На сослушувањата во Конгресот беа претставени и податоци за географско таргетирање на некои од рекламите. Така, на пример, рекламата за „боењето на Сандерс“ се појавувала пред корисницте во американската сојузна држава Канзас и била платена 3.000 рубљи (51,5 долари)./МИА