
Во последните три деноноќија руската борбена авијација нанела 18 воздушни напади по позиции и објекти на „Исламска држава“ (ИД) во источните делови на Сирија и девет удари со крстосувачки проектили „калибар“, истрелани од руските подморници стационирани во Средоземното Море „Велики Новгород“ и „Колпино“, пренесуваат руските медиуми.
Ова го објави портпаролот на Министерството за одбрана во Москва, генерал Виктор Конашенков.

Според него масовниот ракетно-воздухопловен удар нанел големи штети на група борци од ИД крај населеното место Абу Кемал.
„Тоа овозможи распоредување на активни и посамоуверени активности на единици на сириските војници со цел уништување на терористите во последниот бастион на ИД во источна Сирија“, објави генералот.
Во воздушната операција биле опфатени позиции, магацини и командни пунктови на џихадистите, а учествувале шест стратешки бомбардери Ту–22М3 и бомбардери Су-24 и Су-34 од руската воздухопловната база „Хмејмим“, кои биле поддржани со борбени авиони Су-30см, Су-35 и МиГ – 29 од руската авиогрупа во Сирија.