МВР Билтен – Црна Хроника
Скопје, 4 ноември 2017 (МИА) – На ул.„Владимир Комаров“ во Скопје вчера во 17:40 часот непознато машко лице, со огнено оружје пукало во М.Ј.(28), по што истиот е пренесен во Градската општа болница „Наум Охридски“. Во 18:45 часот повредениот М.Ј. починал. Увид на местото на настанот извршила екипа од Секторот за внатрешни работи Скопје, а по наредба на јавен обвинител над телото на починатиот ќе се врши обдукција. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.
Вчера во 9:30 часот во Скопје на ул.„Бутелска“ бб во експозитурата на „Халк банка“, три лица, со фантомки на главите и вооружени со пиштоли влегле во банката и почнале да викаат, по што отишле на шалтерот за кредитирање и од вработениот побарале пари. Откако вработениот на шалтерот за кредитирање им рекол дека кај него нема пари, почнале да го удираат со пиштол по главата, го одвлечкале до шалтерот за наплата каде биле уште двајца вработени и од фиоките на шалтерот број 1 и 2 и од сефот одзеле околу 1.150.000 денари, а на еден од клиентите во банката, му одзеле од раце 50.000 денари кои сакал да ги уплати. Извршен е увид на местото на настанот и се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите.
Во Полициска станица Центар вчера во 21:52 часот, Д.Д. од село Могорче-Дебар околу 20:45 часот пријавил разбојништво од страна на три лица во паркот „Жена борец“. Според пријавата, едно лице му пришло од зад грб, го фатило за рацете, а другите две лица почнале да го удираат и да го претресуваат, по што му одзеле лични документи, пари и часовник и со трчање побегнале. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите.
Утрово во 2:48 часот во Градската општа болница „Наум Охридски“ донесен бил повреден Е.А.(37) од Скопје кој се здобил со повреди при нарушен јавен ред и мир во угостителски објект лоциран на ул. „Димитрија Чуповски“ во Скопје. Откако му биле извршени лекарски прегледи, Е.А. е префрлен на Одделението за Максиофацијална хирургија при Ургентен Центар каде од страна на доктор му е констатирана тешка телесна повреда – фрактура на вилица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Вчера во 22:25 часот во Скопје на ул.„Максут Садик“ од засега непознати причини избувнал пожар во куќа сопственост на С.Н.(66). Истиот се здобил со изгореници од втор и трет степен во пределот на рацете и главата и пренесен е во Клинички центар „Мајка Тереза“ каде од страна на доктор констатирани му се тешки телесни повреди, по што е задржан на понатамошно лекување. Од пожарот е опожарена речиси целата куќа. Пожарот е изгаснат од страна на Бригада за противпожарна заштита во 23.00 часот.
Вчера околу 21 часот Ж.Н. – возач на автобус бр.81, пријавил дека во автобусот на автобуска постојка во село Бразда се качиле околу 12 лица и пред да се симнат на следната автобуска постојка, најверојатно со метална шипка, удриле во пределот на ногата 15 годишен малолетник од село Бразда. Момчето со приватно возило е пренесено во Градска општа болница каде му се констатирани телесни повреди и е пуштено на домашно лекување. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и целосно расчистување на случајот.
Вчера во 19:35 часот во Полициска станица-Кичево, доктор од Медицински центар -Кичево пријавил дека донесено било повредено лице во пределот на левата рака (му бил откинат палецот и имал повреда на дланката). Од страна на полициски службеници од Полициска станица -Кичево утврдено е дека се работи за И.С.(21) од село Другово-Кичево, кој се самоповредил во гаражата во сопствената куќа со маневарски куршум, кој бил заглавен во метална цевка (троблон). При обид да го извади куршумот, со штрафцигер удрил во чаурата, при што од издувните барутни гасови дошло до повредување. Поради сериозноста на повредите истиот со возило на Медицински центар -Кичево е пренесен во Ургентен центар -Скопје, заради понатамошно лекување.Увид на местото на настанот извршиле јавен обвинител од Основно јавно обвинителство -Кичево и увидна екипа од Кичево.
Утрово во 1:35 часот во Скопје на ул.„Френклин Рузвелт“ во тревната површина, пронајдено било безживотното тело на М.Ј.(36) од Скопје. На телото на починатиот има повреди најверојатно здобиени со пад од висина. По наредба на јавен обвинител телото ќе биде предадено на обдукција.
Вчера околу 18 часот во село Вевчани – Струга пред продавницата „ЗИ“, се случила сообраќајна незгода во која возило „БМВ“ со вевчански регистарски ознаки, управувано од Ф.П.(19) од село Вевчани удрила во пешакот С.Р.(53) од истото село. Во незгодата со тешки телесни повреди (фрактура на череп) се здобила С.Р. и по укажаната лекарска помош во Медицински центар-Струга со медицинско возило е испратена во Клинички центар-Скопје на понатамошно лекување. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од Полициска станица -Струга.
Вчера во 18:10 часот на излез од Република Македонија со воздухопловот на една авио компанија за Базел се пријавила да патува К.З.(67) од село Стрелци – Кичево, која патувала во придружба на нејзиниот син А.З.(44) од истото село. При извршена анализа на ренген снимката од рачниот багаж на К.З., пронајден е куршум од засега непознат калибар. Во 18:10 часот К.З. е лишена од слобода, а куршумот е одземен со потврда за привремено одземени предмети, по што во 19 часот е предадена на инспектори од Регионалниот Центар -Запад за понатамошна постапка.