
Следниот попис според првиот човек на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, може да се очекува во 2021 година, информира АлсатМ.
Според него, треба да се смени методологијата, а институцијата со која раководи навремено ја известила Владата за важноста на методологијата за пописот и чекаат одобрение од неа. Симовски потврди дека неопходните подготовки почнаа на време и дека за тоа се консултираат со надворешни експерти.
Според Симовски, кога ќе се оддржи пописот е во рацете на Владата и без нејзин амин не може да се реализира овој важен процес.
Меѓу другото, Симовски објасни дека една година пред да почне пописот Парламентот треба да усвои закон, со кој точно ќе се дефинира кои институции ќе бидат вклучени во овој процес и која ќе биде нивната улога.
Според него, за реализацијата на пописот потребни се најмалку 10.000 обучени лица. Пописот е дел од владината програма за периодот 2017 – 2020. Експертите заклучија дека без попис не може да има податоци за формирање на точни политики.