Повторно има проблеми со струшката депонија, од неа се крева густ црн чад и неподнослива миризба. Стружани во вакви услови ги поминаа изминативе неколку дена, информира АлсатМ.

Иако ситуацијата денеска е подобра, останува впечатокот дека за туристичка Струга ова и пнатаму е главен проблем. Не само што на оваа локација и натаму се носи отпадот од целата општината, сега депонијата е поголема од претходно. Дневно се носат и по сто камиони смет.
Граѓанските организации бараат итно дејствување.
„Мислам дека толку многу е кажано за струшката депонија што редно време е да се делува. Наш апел е до сите релевантни институции, владини и општински и конечно да почнат со решавање на овој проблем и конечно да го спасиме градот и јавното здравје“. – вели Ардијан Демири – граѓанска иницијатива „Стружани за Струга“
Иако се уште не е седнат во градоначалничката фотелја, од граѓанската иницијатива „Доста е“ веќе испратиле барање до Рамиз Мерко во кое бараат итна средба на која би се дискутирало за ова прашање.
„Прво нешто кога ќе седне и ќе почне да ги решава проблемите во општината да биде решавањето на најважното прашање, а тоа е депонијата. Она што наредно го бараме е да се престане со политичката шминка, односно да се инволвираат сите политички единки и институции да се реши поефикасно проблемот“, изјави Валентина Јованоска, од „Доста е“.