Советник на Трамп се сретнал со руски заменик министер во јули 2016 година

од Vladimir Zorba
116 прегледи

  Поранешниот надворешно-политички советник на американскиот претседател Доналд Трамп, Картер Пејџ, призна дека за време на предизборната кампања во јули 2016 година во Москва имал куса среба со рускиот заменик министер за надворешни работи Аркадиј Дворкович.

Зборувајќи пред Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом, Пејџ рече дека побарал дозвола да отпатува во Русија од тогашниот шеф на изборната кампања на Трамп, Кори Левандовски, кој за тоа ја информирал и советничката за односи со јавноста Хоуп Хикс.

Комитетот се обидува да утврди кои членови на предизборната кампања на Трамп биле во контакт со руски функционери и бизнисмени и дали тоа влијаело на конечниот исход на изборите, односно на хакирањето и објавувањето на илјадници пораки кои ги разменувале Хилари Клинтон, Џон Подеста и други членови на демократската предизборна кампања.

Овие пораки укажуваа на контакти со странски држави од страна на Хилари Клинтон, како и на заговор да се совлада предизборната кампања на нејзиниот противкандидат Берни Сандерс, што доведе до истрага од страна на ФБИ во месеците пред изборите и можеби влијаеше на поразот на Клинтон.

Пејџ е поранешен воен разузнавач, банкар и инвеститор и консултант во енергетски бизниси, вклучително и во Русија, поради што имал контакти на руската страна.

– Имавме многу краток разговор, на кој разменивме неколку шеги. Не се сеќавам на точниот разговор, но само си разменивме љубезности, изјави Пејџ за средбата со Дворкович.

Претходно, советникот за надворешна политика на Трамп, Џорџ Пападопулос во истрага на ФБИ изјави дека се сретнал со рускиот професор Јозеф Мифсуд, кој наводно му нудел информации за Хилари Клинтон, вклучително и илјадници нејзини интернет пораки.