Колев ги отфрла обвинувањата дека противзаконски возел општински автомобил додека Коцевски вели дека има писмени изјави од општинската администрација

од desk4
106 прегледи

Лична нетрпеливост кон него и кон други личности од ВМРО ДПМНЕ затоа што новиот градоначалник на Велес не можел да ги оствари дадените ветувања во предизборната кампања. Вака поранешниот Претседател на Советот на Општина Велес, д-р Александар Колев ја коментираше вчерашната прва прес конференција на градоначалникот на Велес Аце Коцевски. Вчера Коцевски соопшти многу констатирани злоупотреби како од вработени така и од поранешни општински функционери меѓу кои се најде и Колев.

Коцевски за Колев рече дека како невработено лице во општина Велес тој согласно правилникот за користење и одржување на моторни возила не смеел ни службено ниту приватно да вози општинско возило. Колев денеска со спротивно тврдење.

– Тоа не е правецот во кој треба да продолжи да се развива Велес и да продолжи да функционира . Од друга страна околу сите други невистини кои што беа искажани и последиците од сето тоа очекуваме , како што кажа и Градоначалникот, средба за да ги продискутираме сите тие работи, рече денеска Колев.

Тој категорично одрекуваше дека возел службени возила на општина Велес наспроти вчерашната изјава на актуелниот Градоначалник на Велес дека тоа го правел, без да бидат запазени процедури и постапки кој смее а кој не смее да вози службено возило на Општина Велес.

– Го возел многу време за приватни цели, го зарибал , значи трајно го оштетил и потоа возилото е продадено на лицитација. Сега многу тешко се доаѓа до трагите. Истражуваме како да дојдеме до податоците колку километри се поминати затоа што не постои никаква евиденција дека возилото го користел за службени цели и нема патни налози. Мојот џенталменски предлог за него ќе биде да прифати да ја обештети општината за вредноста на амортизацијата на возилото, за горивото и за патарината. Доколку тоа не го направи ќе покренеме соодветни постапки за да го докажеме тоа по судски пат,рече Коцевски.

И ако вчера беа соопштени информации за еден „ цитроен це 3“ ,денеска на новинарско прашање како се утврдени фактите дека поранешниот Претседател на Советот на Општината , Александар Колев постапил против законски, од Општина Велес одговорија дека имаат изјави на вработените возачи и дека станува збор за две возила.

Освен зарибаниот и отуѓен исто така има и втор дефектен општински „цитроен це 3“ што не е паркиран во гаражите на Општината.

Таква марка на возило што одговара на регистерскиот број е паркиранo во кругот на Здружението на возачи во Велес , на место што е скриено од очите на јавноста.

Инаку, од Јавното обвинителство на Македонија денеска рекоа дека за сите сомнежи за злоупотребите на поранешната власт во Општина Велес тие ќе можат да ги истражуваат откако локалната самоуправа ќе ги достави доказите.

Извор: Дума