
Со месеци општата болница од Оxрид работи со блокирана сметка поради долг од речиси 3 милиони евра, информира ТВ24.
Условите за работа се тешки, бројот на пациенти се зголемува, болницата кубури со средства и, згора на се секојдневно доспеваат и нови побарувања од правни лица кои извршиле услуги за болницата а не им се исплатени.
Директорката Славица Малеска вели дека состојбата е алармантна, од причина што условите да се работи со блокирана жиро сметка се исклучително тешки.
„Од моментот кога стапив на оваа функција сметката беше блокирана. За овој период таа сметка се надоградува. Долгот беше некаде од 2,5 до 3 милиони евра“, вели Славица Малеска директор на Општа болница Охрид.
За решавање на овој горлив проблем се чека помош од министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување кои уште поодамна се запознаени со лошата финансиската политика на установата. Директорката вели дека додека се чека помош долговите кон фирмите ги исплаќаат на рати. Сепак потребно е трајно решение.
„Стапено е во контакт и со Министерството за здравство и со Фондот за здравствено осигурување. Ветија дека ќе ни помогнат во тој дел. Со дел од фирмите од кои се извршени набавките е стапено во контакт за да исплаќаме на рати, да се склучат спогодби, и на тој начин да се одблокира сметката“, додава Малеска.
Но, и покрај лошата финансиска состојба Малеска е оптимист дека сметката ќе успеат набргу да ја деблокираат и болницата повторно ќе може да работи со полн капацитет.
Таа дополнува дека долгот од околу 3 милиони евра е правен со години наназад, а ќе се враќа сукцесивно, но притоа нема да се занемари развојот на установата чиј обем на работа се повеќе се зголемува од причина што работи со најсовремена опрема, а полека прераснува и во регионален центар во кој на лекување доаѓаат пациенти од регионот но и од соседна Албанија.