Бочварски: Кадровските смени во општина Штип по 15 ноември

од desk4
97 прегледи

Вработените во штипското комунално претпријатие „Исар“ и во општинската админстрација денеска ги земаа своите плати, а вработените во ЈП „Стипон“, надлежно за одржување на улици и наплата на паркинг местата, својата плата ќе ја добијат в понеделник. Ова денеска го истакна градоначалникот на општина Штип Благој Бочварски.

Тој засега не открива кои личности ќе ги заменат директорите на штипските јавни претпријатија, училиштата и градинките. Штипскиот градоначалник потенцира дека смените ќе се случуваат по 15 ноември бидејќи, како што рече, засега ниту еден градоначалник во земјава не може да прави кадровски смени поради тоа што локалните избори официјално не се завршени.

 – Во овој момент ние немаме право да менуваме директори и да назначуваме нови. По 15 ноември ќе разговарам со секој од нив, да видаме како и на кој начин тоа ќе го направиме. Верувам дека ќе наидеме на коректна комуникација од нивна страна за да го составиме тимот кој во наредниот период ќе работи заедно со мене во општина Штип, вели Бочварски.

Тој истакна дека на одредени директори во основните и средни училишта во Штип веќе им е и истечен мандатот, но сите промени ќе се случуваат од средината на наредната недела.