На ВМРО-ДПМНЕ не им се допаѓа идејата за дијалогот „Жан Моне“

од desk2
196 прегледи

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да учествува во дијалогот „Жан Моне“ во Париз, кој го предлага европратеникот Иво Вајгл, на кој е предвидено да учествуваат претставници од сите парламентарни партии за забрзување на реформскиот процес. Од партијата велат дека се за политички дијалог, но само во рамки на државните институции.

„ВМРО-ДПМНЕ смета дека во секоја држава за значајни прашања се води дијалог помеѓу партиите, но во рамките на државните институции и во моментов не ја гледа потребата ниту ја знае темата за друг вид на средби.  ВМРО-ДПМНЕ нема ништо против политички дијалог, но повторување на ‘Пржино’ во или надвор од Република Македонија е непотребно и неприфатливо“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Од таму истакнуваат дека тие се за разговори со парламентарното мнозинство, но преферираат тој дијалог да биде во рамките на државните институции.

Куќата на Жан Моне

„За прашања како што е спорот околу името, остануваме на ставовите дефинирани во нашата програма.  ВМРО-ДПМНЕ сè уште нема прецизни информации околу темите на кои би се разговарало во Париз, па во овој момент не би можеле априори да се произнесеме. Откако ќе се детализираат работите би излегле со конечен став во врска со евентуалните средби со партиите од мнозинството“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

Вајгл вчера на прес-конференција во Собранието рече дека проектот „Жан Моне“ не е замена за договорот од Пржино. Тој објасни дека „Жан Моне“ треба да биде дијалог меѓу Европскиот и македонскиот парламент.

 

Средбата би требало да се одржи последната недела од јануари во куќата на Жан Моне во близина на Париз, без присуство на медиуми. Таму, како што е планирано, треба да присуствува по еден координатор, еден пратеник и еден член на службата од секоја партија во парламентот, а ќе се разговара на три теми: Деловникот на Собранието, етичкиот кодекс на пратениците и владеењето на правото./Макфакс