Во Штип изминатите денови училиштата, градинките, спортските клубови, невладиниот сектор, Општинската организација на Црвениот крст организираат хуманитарни акции и концерти со цел да се соберат 40.000 евра потребни на седумгодишната Валерија Зафировска, на која и е дијагностициран тумор на мозокот.

Средствата се потребни за итна операција во Турција. Во акцијата денеска се вклучи и Општина Штип, градоначалник Благој Бочварски лично донираше на сметката за Валерија.
– Во однос на донациите кои се прават изминатите денови за малата Валерија, како општина се вклучивме во оваа акција и горд сум што штипјани покажуваат сплотеност за да соберат финансии за лекување на малото девојче. Се вклучив и лично донирав 30.000 денари на сметката на родителите на Валерија. Вчера во општината средства собираа луѓе од Црвен Крст, а веќе денес имаме список на вработени во локалната самоуправа по своја желба, колку можат да помогнат.
Како што гледам има расположение за поддршка. Утре ќе дадам налог да се пуштат средства и од општинската сметка, тоа е некаде околу десетина илјади денари, како што е пракса и порано. Тоа е нешто со кое во овој момент може да помогнеме. Ние ќе се вклучиме и во други активности со поддршка за да се соберат средствата кои се бараат, рече Бочварски. Прашан дали советниците од новиот Совет на Општина Штип ќе го следат неговиот пример, Бочварски вели дека ќе разговора со претседателот на Советот, Јане Миланов.
– Ќе се видам со претседателот на Советот, претходниот состав на Советот се уште го нема земено последниот паушал, но ние ќе разговараме за средствата кои ќе ги добијат, дали и советниците можат да донираат. Јас би ги поттикнал да го направат тоа бидејќи сега е моментот да покажеме солидарност, да бидеме хумани бидејќи е важно за нашит град да покажеме како во идниот период треба да се бориме за секој живот, вели Бочварски.
Тој истакна дека има и идеја да се направи Солидарен фонд, во кој што граѓаните на Штип ќе донираат средства и за други граѓани и деца на кои им е потребна финансиска подршка за лекување во Скопје или странство.