Решение со кое се распоредува да работи во одделението за срцеви аритмии во Кардиолошкиот завод „Св. Стефан“ во Охрид добил поранешниот охридски градоначалник и познат интервентен кардиолог Никола Бакрачески.

Решението го донела директорката на Кардоолошки, Гордана Доневска која лично не му го врачила решението туку го испратила по друг вработен.
Од друга страна пак, Доневска, пред три недели го унапредила нејзиниот сопруг како раководител на болнички сектор, што практично е втора највисока функција во болницата.
Сопругот на актуелната директорка, докторот Зоран Доневски преходно имал функција на доктор во амбуланта кој вршел прегледи на пациенти, а сега одлучува за клучни работи во болницата и е надлежен за пациентите, персоналот, како и поединечи одделенија во установата, пишува Макфакс.
Бакрачески во текот на вчерашниот ден извршил две интервенции во салата, по што му било врачено решението.
Веста прв ја објави во своја колумна познатиот новинар со децениска кариера Бранко Героски кој ја крена јавноста на нозе.
„Зошто ви пречи кардиологот Бакрачески, другари? Што мислите дека постигнувате со ваквото однесување? За кратко време, можеби човекот можете да го повредите и да го понижите, но неговата стручност, неговите знаења и неговата репутација на добар кардиолог, нема да успеете да му ги земете. Што добива новата власт, што добиваме ние, граѓаните, ако Охрид изгуби еден добар кардиолог, ако Бакрачески реши да се спакува и да си замине да работи некаде на друго место?“ – напиша Героски.
Потоа информацијата со изјава од Бакрачески ја објави агенцијата Мак Факс за до крајот на денот оваа зачудувачка вест да ја пренесат дваесетина медиуми ( портали и телевизии ) во Македонија.
„Јас нема да ги коментирам политиките на актуелниот директор на Заводот и причините за ваквата прераспределба на кадрите и организациската поставеност, но само можам да потврдам една вистина, а тоа е дека за време на моето раководење на оваа институција во период од 2006 до 2013 никогаш и во ниеден момент не се случило кадрите да бидат вработувани, да бидат именувани или унапредувани на позиции според партиската припадност, туку исклучиво само и само според степенот на своите знаења и квалификации, вештините што ги поседуваат и капацитетот да раководат со одделни одделенија. Тоа се однесува и на добивањето можности за специјализации и супспецијализации, едукации во странство, усвојување нови методи и постапки. Тоа може секој да го потврди“, вели Бакрачески за „Макфакс“.
ЕКСПЛОЗИЈА НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ
На социјалните мрежи вистинска експлозија со критики до директорката Гордана Донческа. Свои видувања дадоа и политичари, но и обични граѓани, колумнисти, луѓе од охридскиот јавен живот но и граѓани чии животи се спасени во оваа болница за која граѓаните но и статистичките опдатоци велат дека од обична менза се претвори во репскетабилна болница каде се спасени десетици илјади животи.