Дончев: Меѓу 7 и 10 милиони евра за лекување во странство оваа година

од Vladimir Zorba
82 прегледи

  Случајот со седумгодишната Валерија од Штип и барањето донации за помош од самите родители за нејзино лекување во странство, покажува до кој степен е изгубена довербата на граѓаните во здравствениот систем и институциите, изјави вечерва директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев во интервју на ТВ Телма. 

Тоа не би било така, рече тој, ако половина од средствата за фасади и споменици во „Скопје 2014“ беа потрошени во нашите здравствени капацитети.

– Граѓаните имаат изгубено доверба и во условите во кои се вршат одредени тешки и сложени хируршки интервенции, што јас го разбирам. Колку се инвестира во здравството, толку здравството ви враќа, рече Дончев.

Појасни дека процедурата за лекување во странство е сложена но не е ненадминлива и соопшти дека за оваа година до Фондот се пристигнати околу 270 барања за лекување во странство, од кои 210 се одобрени.

– Сумата на пари кои ќе се одвои за лекување во странство ќе биде меѓу  7 и 10 милиони евра оваа година, рече Дончев.

Јавноста, како што рече, не секогаш е запозната со случаите за лекување и треба да се прави разлика меѓу апелите за помош до јавноста кога процедурата во Фондот се уште не е завршена, како случајот на малата Валерија, и случаи каде што од кои било причини Фондот не го одобрил барањето, па родителите се принудени сами да бараат помош од јавноста./МИА