Владата на седница го усвои Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите со кој се предлага зголемување на висината на акцизата на дизел горивото кое се користи како погонско гориво и на екстра лесното масло за домаќинство што се користи како гориво за греење, за три денари.
Како што претходно беше соопштено зголемување на акцизата се предлага од 1 јануари 2018 година, а очекуваниот ефект во буџетот за наредната година е 1,6 милијарди денари.
Зголемувањето на акцизата на нафта Владата го предлага како соодветна измена на даночната регулатива. Притоа, ефектите од оваа мерка се зголемување на буџетските приходи, усогласување со европските стандарди и регулативите на Европската Унија, како и заштита на животната средина, односно намалување на загадувањето.
Ефектот од зголемување на акцизата на нафтата соодветно е изразен и во очекувано зголемување на приходите од ДДВ за околу 350 милиони денари, што е проектирано во Прелог-буџетот за 2018 година