Харири го напушта Ријад, лета право кај Макрон

од desk2
104 прегледи

Од кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон соопштено е дека либанскиот премиер Саад Харири ја прифатил неговата покана да дојде во Франција.

Харири поднесе изненадувачка оставка на функцијата за време на престојот во Саудиска Арабија.

Неименуван функционер на Елисејската палата рече дека доаѓањето на Харири го очекуваат следните денови.

Ројтерс наведува дека Макрон упатил покана за доаѓање и на семејството на Харири и дека од извори блиски на доскорешниот премиер на Либан се дознава дека во наредните 48 часа тој ќе полета од Саудиска Арабија за Франција, за потоа да замине дома во Бејрут, за официјално да поднесе оставка.

Агенцијата потсетува дека либанскиот претседател Мишел Аун одби да ја прифати оставката на Харири од Ријад, и додаде дека денеска во саудиската престолнина стигнал и францускиот министер за надворешни работи Жан Ив ле Дријан, за да се состане со Харири, како и со принцот престолонаследник и со кралот на Саудиска Арабија.

Харири ја поднесе оставката во телевизиско обраќање од Ријад на 4 ноември, а вчера најави дека наскоро ќе се врати во Либан.