Дваесет години по напуштањето на „E.R“, серијата која го направи голема ѕвезда, американскиот актер Џорџ Клуни се враќа на телевизија. Тој ќе снима минисеријал, по романот на Џозеф Хелер „Catch-22“, објави Ројтерс.

Освен тоа, актерот ќе ја режира продукцијата од шест дела, каде што ќе дејствува како полковник Кеткарт, командант на главниот лик, Џон Јосариан. Снимањето ќе започне на почетокот на 2018 година, но имињата на другите луѓе во тимот се уште не се објавени.
Сметана за една од највлијателните книги од минатиот век, сатирата на Хелер за Втората светска војна раскажува за пилоти, кои се обидуваат да излезат од службата, глумејќи лудило. Сепак, според „Catch-22“, единствен начин да го докажат тоа, дека се лишени од здрав разум, е да се решат да исполнат мисија која е загрозувачка по нивниот живот. Насловот на книгата стана референца за апсурдните парадокси на бирократијата и неспособноста на поединецот да се избори со државниот систем.
Клуни е уште едно големо холивудско име кое „скока“ од големиот на малиот екран по Ентони Хопкинс, Рис Витерспун, Никол Кидман, Роберт де Ниро и други. Телевизијата е во подем во САД, со повеќе од 400 серии годишно за традиционалните и стриминг канали, како што се Netflix, Amazon, Hulu и Apple.