Поранешниот шеф на словенечката дипломатија Иво Вајгл, вели дека мешањето на Русија во состојбите на Западен Балкан, ја натерало Европската унија проширувањето на Југоисточна Европа да го направи приоритет. Тоа ги убрзува процесите.

Одговарајќи на прашањето колку Унијата сега е заинтересирана за процесот на проширување, Вајгл кажа дека нема впечаток дека настапил замор, туку дека напротив сега има впечаток дека свеста за комплетирање на Европската Унија е повторно сѐ посилна и дека расте интересот за проширување.
„ЕУ е многу заинтересирана за стабилизација на приликите на европскиот континент, а тоа ќе го нема сѐ додека југоисточна Европа не стане дел од Унијата. Кога ќе заврши процесот на интеграција ќе исчезнат и меѓусебните проблеми во регионот, а и митовите на минатото кои и денес владеат со политиката на Балканот. Во Европскиот парламент сум веќе втор мандат и знам дека Црна Гора е непроблематична идна членка и секогаш имало желба што побрзо да влезе во ЕУ“, кажа Вајгл.
Европратеникот, кој за време на долгогодишната диломатска кариера беше амбасадор во десет држави, учествуваше на Меѓународната конференција на Црногорската паневропска унија, која во саботата се одржа во Подгорица.