Илјада невработени ќе прават „генералка“ на Скопје

од desk2
80 прегледи

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска најави дека од четврток почнува голема акција за чистење на главниот град.

– Град Скопје во соработка со Агенцијата за вработување и Министерството за труд и социјална политика ангажира стотици невработени лица кои заедно со надлежните јавни претпријатија ќе ја спроведат оваа акција. Ова е една од краткорочните мерки против загадувањето на Скопје оваа зима – рече на прес-конференцијата Шилегов.

Евидентно е, како што рече, дека загадувањето се должи и на наталожената прашина на нашите улици, која со години стои неисчистена. Тој планира таа прашина да ја тргне од улиците.

– Секоја општина со целата своја механизација заедно со градските јавни претпријатија и ангажираните лица ќе чисти во точно определени денови. Почнуваме од Бутел, а потоа ќе продолжиме во другите општини. Предвидени се по ден-два за секоја општина во зависност од нејзината големина. Откако ќе завршиме со чистењето на општините, ќе се чисти кејот на реката Вардар – истакна Шилегов.

Акцијата за чистење на Скопје ќе се реализира секоја есен и пролет и предвидено е да стане традиционална.

– Промената почнува од секој од нас. Ние сме пример за нашите деца, внуци, за најмладите и затоа ги повикувам сите граѓани, сите општествено одговорни фирми, институции и невладини организации да ни се приклучат и да помогнат во оваа акција за чисто Скопје, за незагадено Скопје – потенцира Шилегов.