Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева очекува најстроги казни за поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и поранешниот началник на Петтата управа Горан Грујевски кои се обвинети во предметот „Таргет – Тврдина“.

Таа денеска одговарајќи на новинарско прашање во врска со првата пресуда за обвинет во овој случај, рече дека пресудата е донесена врз основа на признание и оти очекува највисоки казни за Мијалков и Грујевски.
– Во случајот „Таргет-Тврдина“ донесена е пресуда врз основа на признание. Тоа е правосилна пресуда и едно лице е осудено за кривично дело „помагање на сторител“. Ова не е најсериозен обвинет, бидејќи се знае кои се обвинети во овој случај. Обвинети се Горан Груевски, Сашо Мијалков и други на кои се надевам дека од страна на судот ќе им бидат одредени највисоки казни, изјави Јанева.
СЈО соопшти дека во овој предмет е раздвоена кривичната постапка за осуденото лице, чиј идентитет не се соопштува, а за кое, врз основа на признание на вина, е донесена пресуда на 17 ноември.