Наскоро конкурс за обука на првите 20 економски аташеи

од desk2
110 прегледи

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев соопшти дека со Министерството за надворешни работи направиле стратегија за избор на првите 20 економски аташеи кои ќе бидат испратени во места најатрактивни за македонската економија. Триесетината економски промотори кои привлекуваа странски инвестиции се повлечени по завршувањето на нивните мандати.

Анѓушев посочи дека секаде во светот тоа се луѓе од амбасадите и од МНР. Економските аташеи ќе мора добро да го познаваат македонското стопанство и за таа цел ќе поминат двомесечна обука. Конкурсот ќе излезе во наредните денови.

– Тие економски аташеи треба да го научат македонското стопанство и ќе поминат обука од два месеца во Македонија. Треба да го поминат целокупното македонско стопанство за кога ќе одат во светот да знаат што можат да продадат од Македонија. Тие треба да бидат комерцијалисти на македонската економија во светот и да привлечат странски инвестиции во Македонија, но такви кои ќе можат да соработуваат со македонската економија, истакна Анѓушев одговарајќи на новинарски прашања по презентирањето на економските ставки во Предлог-буџетот за 2018 година.