Република Македонија ќе добие поддршка од Кралството Шведска во напорите да стане дел од Европската унија. Потребна е зголемена билатерална соработка на сите нивоа, особено на ниво на извршната и парламентарната власт на двете земји, било констатирано на денешната средба на претседателот на македонското Собрание Талат Џафери и шведската министерка за надворешни работи Маргот Валстром, остварена во рамки на неговата официјална посета на Кралството Шведска, јави известувачот на МИА.

– На средбата со министерката за надворешни работи, разменивме размислувањата за потребата од интензивирање на билатералните односи и соработка меѓу двете држави и двете министерства. Тие го реактивираа ставот и определбата да ја поддржат Македонија во напорите за членство во ЕУ. Исто така реафирмираа и проекти кои беа прекинати, а се во насока на билатерална поддршка на Македонија како СИДА – проектот за соработка во контекст на ЕУ, изјави Џафери по средбата.
Потенцира дека со Валстром ги констатирале потребите за натамошно продлабочување на комуникацијата на сите нивоа, особено, како што рече, парламентарната и извршната комуникација.
Шведската министерка Валстром го поздравила успешното одржување на локалните избори, со кои, како што рекла, ја покажала подготвеноста за стабилизација и демократизација на земјата. Ја поздравила и посветеноста на земјата во спроведувањето на реформските процеси согласно Планот 3-6-9, како и напорите тоа да се нарави врз принципите на инклузивност и партнерство на сите општествени и политички фактори.
Во рамки на својата официјална посета на Кралството Шведска претседателот на македонскиот Парламент имаше аудиенција кај кралот Карл Густав XVI, со кој исто така констатирале потреба од интензивирање на соработката на Македонија и Шведска.
– Со кралот имав несвојствено слободна комуникација, во смисла на разговорите што ги водевме. И тој, исто така, е определен и опстојува на фактот дека двете земји треба да ги засилат комуникациите и соработката, изјави Џафери.
Истакна оти на средбата Кралот Карл Густав XVI го информирал дека се уште го носи споменот од неговиот престој во Македонија кога го посетил и градот Охрид. Претседателот на Собранието Џафери понудил Македонија уште еднаш да му биде домаќин доколку неговата агенда тоа го дозволува.