Новата агенција во која ќе биде сместена опремата за прислушување ќе приклучува и ќе следи комуникации, но вработените нема да можат да преслушуваат што снимиле. Според шефот на работната група за реформи во системот за следење на комуникации Силјан Аврамовски, решението е еден од столбовите кои треба да гарантираат дека нема да се злоупотребува системот.

Таа оперативно-техничка агенција само ги активира тој сигнал, тој интерфејс, тие свичови за коишто ќе треба само да добие таргети кои треба да се вклучат и ништо повеќе од тоа. Додека експлоатацијата, репродукцијата на тие сознанија коишто доаѓаат од таа мерка која со судска наредба е одобрена, ќе одат во органите за следење на комуникациите коишто се надлежни за примена на таа мерка“, рече Аврамовски.
Ако со новиот закон, на пример, во УБК проценат дека им треба следење на некој број тие прво ќе мора да го информираат Обвинителството или директно јавниот обвинител на Република Македонија. Барањето потоа мора да биде одобрено или од основен или од Врховниот суд, зависно од причините за следењето. Дури потоа се испраќа налог до оперативната техничка агенција да го приклучи бројот на следење, а разговорите ќе може да ги слуша само оној што ги нарачал – во случајот УБК.
Гаранција дека системот нема да се злоупотреби треба да биде решението директорот на агенцијата ќе одговара пред Собранието. А, дали во Агенцијата се прислушуваат онолку броеви за колку што има судски налог, ќе проверуваат и собраниските комисии за надзор над службите, но и ново тело за надзор со членови и од граѓанскиот сектор. На крај, опремата за следење ќе биде надвор од МВР.
Ќе биде во посебна зграда, нова зграда којашто ќе обезбеди тесна комуникација во смисла на воспоставување на тие водови за комуникација со операторите … Ние очекуваме дека оптимално во некаде ноември месец 2018-та таа да профункционира со полн капацитет“, додава Аврамовски.
Но, за новиот систем да профункционира нема да биде потребна само нова зграда. Прво, во Собранието треба да помине новиот Закон за следење на комуникациите и Законот за техничко оперативна агенција. Во пакет ќе мора да се сменат и прифатат корекции и во редица други закони, меѓу кои Законот за електронски комуникации.