Здружението Млади европски федералисти – Македонија (ЏЕФ Македонија), денеска во Скопје организира дебата насловена „Го следиме ли Прибе: Какво обвинителството ѝ е потребно на Македонија на патот кон ЕУ?“
На дебатата како говорници се најавуваат: специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, Лидија Раичевиќ, јавна обвинителка во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, Елена Андреевска, професорка на ЈИЕ, Гордан Калајџиев, професор по кривично право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје и член на Советот за реформи во правосудниот систем при Министерството за правда и Жарко Хаџи Зафиров, адвокат во адвокатското друштво „Бона Фиде“ и член на Советодавниот одбор на Институтот за човекови права од Скопје.
Според органиозаторите, се очекува панелистите да ги аргументираат своите тези преку интерактивна дискусија за тоа каква треба да биде улогата на новиот Републички јавен обвинител низ призма на препораките содржани во извештаите на групата правни експерти предводена од истакнатиот германски правник Рајнхард Прибе, најавените реформи во правосудството, како и соработката на Јавното обвинителство со Специјалното јавно обвинителство.