Обвинетите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ го губат само имунитетот, а мандатот може да го загубат само ако бидат осудени
Шестемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за кои Јавното обвинителство побара да бидат притворени поради нивното учество во инцидентот од 27 април годинава, го губат само имунитетот, но не и мандатот. Тие ќе останат пратеници дури и ако заминат во притвор, а мандатот ќе им биде одземен само ако бидат правосилно осудени на затворска казна од најмалку пет години.
Со оглед на тоа дека за делото за кое што се обвинети, терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста (член 313 од Кривичниот законик), е предвидена затворска казна од најмалку десет години, ако бидат прогласени за виновни, е извесно дека ќе го загубат мандатот и на нивното место ќе дојдат нови шестмина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
Ако тоа се случи, нови пратеници би станале Светлана Јакимовска наместо Љупчо Димовски од првата изборна единица, Бојан Стојановски и Драган Петковски наместо Јохан Тарчулоски и Жаклина Пешевска од втората, а од петтата на местата на Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов би дошле Соња Талевска, Момчило Аврамовски и Алим Биљали.
Но во меѓувреме, додека трае судската процедура, ако тие се наоѓаат во притвор, нема да можат да учествуваат во работата на Собранието. Ова значи дека партијата ВМРО-ДПМНЕ и нејзините коалициски партнери, кои заедно имаат десет пратенички групи, ќе останат без шестмина пратеници во овој период, и ќе имаат вкупно 44 претставници во Законодавниот дом.
Комисијата за мандатно-имунитетни прашања во Собранието денеска со пет гласа „за“ и ниту еден против или воздржан донесе заклучок да го прифати барањето на обвинителството и да одобри притвор за пратениците Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Љубен Арнаудов, Жаклина Пешевска, Сашо Василевски и Љупчо Димовски. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не учествуваа на седницата на комисијата.
Оваа комисија сега има рок од два дена за да го извести претседателот на Собранието дека е донесен заклучокот, а тој во рок од три дена откако ќе го прими известувањето, ќе треба да закаже седница на која ќе се расправа за одземање на имунитетот на шестемина пратеници. За да се донесе таква одлука треба да гласаат најмалку 61 пратеник, односно просто мнозинство од вкупниот број пратеници./Newsroom